Лидерот на опозициското движење Двери, Бошко Обрадовиќ, кој веќе петти ден штрајкува со глад пред српското Собрание денеска ги изнесе условите под кои ќе го заврши штрајкот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, барањата на Обрадовиќ се почитување на Резолуцијата 1244 на ОН по прашањето за зачувување на Косово како составен дел од Србија.
Вториот услов на Обрадовиќ е неселективна работа на Обвинителството и судовите, а третиот е заштитата на епархиите на СПЦ во Црна Гора. Како четврти услов, лидерот на Двери го најави ослободувањето на медиумите, а последниот е одложување на изборите и создавање услови за фер и чесни избори. Кога станува збор за слободата на медиуми, Обрадовиќ побара од уредувачкиот колегиум на РТС како народен пратеник да му овозможи емисија од еден час во живо во вечерните часови, во која тој би ги објаснил барањата.
Тој потсети дека вчера до Уставниот суд доставил иницијатива за поведување постапка за проценка на уставноста на продолжување на изборниот процес.
Бошко Обрадовиќ штрајкува со глад од недела, на 10 јуни, а од вчера му се придружи потпретседателот на партијата, Иван Костиќ.