Неколкумина полицајци се повредени и повеќемина демонстранти се приведени по синоќешните немири коишто се случија на протестите во црногорскиот град Никшиќ. Полицијата употребила солзавец и шок бомби против насобраната толпа граѓани кои мавале со камења и шишиња по нив.
До ваквиот развој на настаните дојде откако граѓанитете излегоа на протестен марш на кој побараа ослободување од притвор на српскиот епископ Јоаникие. Тој заедно со уште седум свештеници беше приведен поради кршење на мерките за сузбивање на коронавирусот и организирање на литија на улиците на Никшиќ на која присуствуваа огромен број луѓе. Учесниците на литијата, според медиумите, не носеле маски, не држеле дистанца и не се придржувале кон пропишаните мерки за заштита.
Според „Вијести” повредени се 22 полицајци во вчерашните немири. Тие имале полесни повреди и им била пружена лекарска помош. Полицијата уапси голем број граѓани, меѓу кои и новинар на „Вечерње новости”.
Демократскиот фронт најави дека ќе ги повика верниците да ги блокираат сообраќајниците како протест против приведувањето на свештеникот.
Црногорското обвинителство им одредило 72-часовен притвор на епископот на Српската православна црква Јоаникие и на уште седум свештеници поради литијата на која се собрале неколку илјади верници и покрај забраната за собирање, а официјален Белград побара нивно ослободување.
Претседателот на Српската народна партија и министер во српската влада Ненад Поповиќ оцени дека властите на Црна Гора со апсењето на владиката Јоаникие и свештениците на СПЦ до крај го соголиле своето „антисрпско, авторитарно и комунистичко лице“.
Тој побара од Црна Гора под итно да ги пушти од притвор владиката и другите свештеници. По одбивањето на жалбата владиката и свештениците на СПЦ да бидат пуштени од притвор, голем број граѓани на Црна Гора излегоа на улиците во знак на протест.
Протести се одржаа во Никшиќ, Беране, Будва и Пљевља.
За настаните во Никшиќ, но и цела Црна Гора, каде се приведени свештеници на СПЦ и владиката Јоанакие, јавија речиси сите поголеми светски агенции. Британската агенција Ројтерс и американската агенција АП известуваат дека протестите следат по неколкуте месеци на тензии околу донесувањето на законот за верски слободи.
Ројтерс потсетува дека Српската православна црква е најголемата христијанска заедница во Црна Гора, земја со 620.000 жители, членки на НАТО и кандидати за влез во ЕУ. Српската православна црква има околу 12 милиони следбеници, претежно во Србија, Босна и Црна Гора, јавува агенцијата.