Откако Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека ќе бараат изборниот ден да се продолжи за два часа, првиот човек на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски за ТВ21 вели дека тоа би значело дека треба да се направат и измени во изборниот законик.
„Доколку има такво барање тоа би значело дека треба да се направи и измена во изборниот законик, бидејќи таму е пропишано дека изборниот ден трае до 19 часот“, вели Оливер Дерковски за ТВ21.
Филипче информираше дека Комисијата за заразни болести изработи Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето. Очекува сите политички субјекти да ги почитуваат одредбите од Протоколот.
-Овој протокол беше едногласно поддржан од сите членови на Комисијата за заразни болести и тој мора да се спроведува целосно, без исклучоци за да се заштити здравјето на граѓаните. Сите лидери на политичките партии на лидерската средба се изјасниле дека здравјето на граѓаните е на прво место и затоа очекувам дека сите партии, нивните членови и учесниците во изборниот процес ќе го почитуваат овој Протокол. Протоколот произлегува од генералните препораки за заштита на граѓаните од Ковид 19 кои во овој момент се на сила и ќе останат во сила и во наредниот период, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Филипче потенцираше дека ќе бараат од Советот за безбедност продолжување на вонредната состојба, а тоа ќе биде и клучно доколку треба да се направат измени во Изборниот законик бидејќи во моменти кога Собранието е надвор од функција, само Владата може да донесе уредба со законска сила.