Aко има обид да му се наметне одлука за организирање брзи избори, тој нема да прифати да ги спроведе, бидејќи според него ќе бидат незаконски, изјави првиот човек на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски во интервјуто за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
-Јас ги слушам политичарите, но мислам дека тие не се запознаени со техниката на обработка на избирачкиот список. Од тие причини велам дека избирачкиот список, кога и да се изборите, ќе го добиеме во иста форма како што го добиваме секогаш откако ќе го дознаеме денот на изборите. Добиваме суров материјал, наредниот ден се декриптира. Затоа велат дека за оваа операција се потребни помеѓу 45 и 50 дена. Јас ги разбирам политичарите и нивните мотиви, но јас морам да го почитувам законот. Јас како претседател на ДИК можам да бидам надгласан од другите членови на Комисијата, но избирачкиот список се потпишува од сите членови на Комисијата и откако сите ќе се потпишат истиот се заклучува и со тој се оди на избори. Јас таков список нема да потпишам, изјави Дерковски.



