Пандемијата направи и пореметување на извозот и увозот на земјоделските производи. Последните податоци од крајот на април покажуваат дека во земјава има намален увоз на земјоделски производи за околу 15 милиони евра, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски при денешната посетата на Штип.
-Но, исто така и извозот е намален некаде за 16 милиони евра. Тоа значи дека намалувањето со увозт и извозот оди на некој начин паралелно. Одредени производи достигнаа висока цена. Токму оризот, за кој имаме цени од 58 до 60 денари за откуп на големо постигна висока цена, додека каЈ зелката цената е многу пониска од претходните години. Тоа се покажува и со податоците кои ги имаме при извозот. За извезени за 10.000 тони поголеми количини имаме за околу пет милиони евра помали приходи, изјави Димковски.
Тој најави дека МЗШВ се подготвува сега во делот на лозарството, бидејќи по извозот на тутун, додаде, виното е вториот извозен производ, кој годишно достигнува извоз од над 50 милиони евра.
-Европа како генерален производител на вино, каде се најзастапени Шпанија, Италија, Франција, кои го држат можеби над 30 отсто од светскиот извоз, ќе се соочи со вакви големи предизвици. Ние сме во соработка со цел да ја дочекаме сезоната многу поподготвени и да помогнеме и на винариите и на лозарите да се ослободат од залихите. Од друга страна дезинфициентот, како алкохолен дестилат се бара на пазарите, така што очекуваме малку подобра координација и соработка со сите вклучени страни, посочи Димковски.
Тој, како што рече, не очекува поголеми пореметувања на пазарот во другиот дел на земјоделското производство зашто состојбата пополека се стабилизира, а веќе се најавува и отворање на границите. Но, според него, и мерката за трошење на македонските производи, значи подигнување на свеста на потрошувачите.
-Тие имаат право и слобода да го изберат производот, но апелот е постојано купувајте македонски производи, потенцира Димковски.