Косовската Агенција за храна и ветеринарство денеска соопшти дека вчера донела одлука за привремена забрана за увоз на јајца и живина од земјава, поради сомнеж за појава на болеста Њукастел, односно птичја чума.
Портпаролот на косовската Агенција, Љумир Тачи информира дека ваквата одлука е донесена по „најавата објавена на официјалната веб страница на Управата за храна и ветеринарство на Северна Македонија дека е откриена болеста птичја чума на две фарми на бројлери”.
Тачи нагласи дека според извештај на Меѓународната организација за болести на животните во „Северна Македонија на две локации имало „експлозија” на заразата на атипичната вирусна болест”.
Тој информира дека според косовскиот Закон за ветеринарство, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово е должна да забрани увоз од земја во која има појава на некаква зараза кај животни или птици, па затоа на 13 мај е донесена одлука за привремена забрана на увоз на живина и живински производи од земјава.
Нашата Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на 10 мај објави дека апелира до одгледувачите на живина на целата територија на државава да ја исполнат законската обврска и согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните, да се обратат до најблиското ветеринарно друштво и да ја вакцинираат живината и гулабите против болеста Њукастел.
Болеста не е зооноза, односно од неа човекот не може да заболи, но е високосмртоносна за живината и предизвикува големи економски штети во живинарството, посочува АХВ
– Вирусот на оваа болест беше лабораториски потврден на почетокот на месец април во одгледувалиште за бројлери во скопската општина Гази Баба, по што Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за спроведување на сет безбедносни мерки за спречување на ширењето на болеста. Заради заштита од евентуално ширење на вирусот преку месото, од пазарот беа повлечени и уништени количествата месо кои пред детектирањето на болеста биле дистрибуирани во продажба, се наведува во соопштението на АХВ.