Повеќе од пет тони кокаин со бродот Ареса требало да пристигне во Солун и да биде преземен од членовите на которскиот клан, пренесува црногорскиот весник „Дан“. Кокаинот го запленила холандската полиција. Во расветлувањето на целиот случај полицијата сеуште нема утврдено на кој од двата которски кланови припаѓаат лицата кои биле задолжени да ја преземат дрогата во Грција. Оваа пратка се поврзува и со убиството на лидерот на шкаљарците Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ во Атина, пишуваат грчките медиуми.
На бродот Ареса во Венецуела се уапсени три лица од Котор со иницијали В.Р (50 г.), Н.М. (29) и М.Џ (58) и едно лице Д.Ж (67) од Цетиње. Нивното апсење е резултат на повеќемесечна меѓународна акција која ја покренала црногорската полиција. Според сознанието на црногорските медиуми уште двајца државјани од оваа земја се осомничени за шверцот на кокаинот и надлежните органи во земјата се во потрага по тие лица.
Безбедносните служби во Црна Гора располагале со оперативни информации дека во оваа шверцерска акција учествувале и државјани на Србија и Босна и Херцеговина.
Бродот Ареса пловел под знамето на Камерун.Како што пренесуваат шпанските медиуми овој брод испловил во почетокот на февруари од Суринам, а потоа впловил и во пристаниште во Венуцуела, од каде се упатил кон Солун.
Полицијата бродот „натоварен“ со кокаин го пресретнала во меѓународните води, а во екот на акцијата уапсени се седум лица меѓу кои бил и капетнаот на бродот. Полицијата најпрво пронашла еден тон кокаин, а во понатамошната истрага откриени се уште четири тони на бродот, како и 50.000 таблети екстази.