Во следните денови ќе ви го претставиме нашиот конкретен план. Ќе имаме туристи оваа година, но никој не знае колкав ќе биде нивниот број. Секако ова лето нема да биде исто како ланското, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Тој објасни дека сега, кога веќе постои заедничката европска рамка, Владата е подготвена да ги презентира нејзиниот план, а паралелно Грција работи и на билатерални договори, јави дописничката на МИА од Атина.
-Многу е важно тоа што веќе имаме заедничка рамка со упатства и препораки што вчера беа презентирани од Европската Комисија. Нашата цел е оваа рамка да ја искористиме максимално, како што се движиме напред во следните фази на планот, што се распространува во следните месеци. Ова е многу важно. Истовремено, не значи дека не го разгледуваме прашањето за билатерални договори и кои би можеле да бидат тие, особено со земји вон ЕУ. Бидејќи веруваме дека никој не сака распарчување на заедничкиот пазар, рече Пецас и додаде дека за овие земји, без да открие кои се, ќе има информација кога ќе се презентира комплетниот владин план.
Во однос на како ќе се одвива копнениот туризам во Грција, кој е важен дел не само за северниот дел на земјата, туку и за туристите од балканските земји и дали можеби ќе се бара посетителите пред патувањето да треба да имаат направено тест, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека се ќе биде вклучено во владиниот план за туризмот што ќе се презентира во следните денови.
-Ќе постојат неопходните измени, за сите туристи, навремено да знаат што ќе се случи и каде смеат и каде не смеат да се движат, но што се однесува генерално на протоколите и што се однесува на прашањата во врска со планот за туризмот, ќе треба да почекате неколку денови за да имате целосни одговори, рече Пецас.
Портпаролот на грчката Влада се осврна и на одлуката од сабота да се отворат 515 организирани плажи во Грција, но под посебни правила за кои ќе има контрола дали се спроведуваат и истакна дека „ова ќе биде важен тест што треба успешно да го поминеме”.
-Сега сме повикани да покажеме дека со правила и зрелост можеме безбедно, ова лето да уживаме во убавините на нашата татковина. Ова ќе биде најдобриот пасош за рестартирање, не само на домашниот, туку пред сѐ на странскиот туризам, рече Пецас.