Романот „Карусел” од Лудвиг Бауер објавен на македонски

Во издание на „Бата прес” излезе од печат романот „Карусел” од познатиот хрватскиот писател Лудвиг Бауер, преведен на македонски од Ненад Баткоски. Објавувањето е поддржано од Министерството за култура на Хрватска.

Раскажува за средбата на Габриела и Мирослав по неговото доаѓање од Америка во родното место, провинциското гратче Градец, на крајот на 20 век. Габриела е негова неостварена љубов од детството, а нивната средба се случува во време кога во нивниот роден крај се прават напори да се нормализира животот по завршената крвава војна од 1990-тите години.

-Ама тоа не е лесно. Двајцата старци се обидуваат да го разгорат пламенот на младешката љубов во светот кој исчезнува, којшто исто како и столетието зад нив се топи како шеќерна волна. Габриела и Мирослав тоа време го проживеале сосема различно и тоа се преломува низ нивните судбини.  Низ судбината на овие необични јунаци Бауер дал пластична слика на хрватската провинција, нејзините жители и предрасудите што отсекогаш ги оптоваруваат. „Карусел” е роман со силни ликови чии човечки судбини имаат универзална вредност, а нивните обиди да ја преживеат мелницата на големата историја добиваат карактеристики на вистинско херојство, соопшти „Бата прес”.

Лудвиг Бауер-Лујо е роден 1941 година во Сисак. Дипломирал славистика во Загреб, а школувањето го продолжил во Братислава и Прага. Преведува, пишува книги, телевизиски и филмски сценарија (автор е на сценариото за цртаниот филм „Балтазар”). За објавен расказ уште во 1973 година ја добил угледната награда на весникот „Политика” (Белград). Објавил повеќе книги за деца и единаесет романи. За романот „Роден крај, заборав” ги доби наградите „Меша Селимовиќ” и „Фран Галовиќ” за 2011 година, а во 2019 година ја доби наградата „Владимир Назор” за роман на годината.

„Бата прес” во 2015 година го објави на македонски и неговиот роман „Големата љубов на Дон Жуан и малата балканска војна”.

Треба да знаете
Последни објави