Поради наметната изолација, сиромаштија и вознемиреност, покрај пандемијата на коронавирус се заканува и глобална криза на менталното здравје, предупреди шефот на одделот за ментално здравје на Светската здравствена организација (СЗО).
„Изолацијата, стравот, несигурноста и економскиот пад предизвикуваат или можат да предизвикаат психолошки проблеми“, рече Девора Кестел, директор на одделот за ментално здравје на СЗО.
Во извештајот се истакнуваат неколку региони и социјални слоеви кои се најранлива група за ментални заболувања – вклучително и деца и млади луѓе изолирани од пријатели, како и здравствените работници кои се соочуваат со голем број на починати лица од вирусот.
Истражувањата до сега веќе го покажаа влијанието на пандемијата врз глобалното ментално здравје. Психолозите наведуваат дека има пораст на бројот на анксиозни и депресивни луѓе во неколку земји. Семејното насилство исто така е во пораст, додека здравствените работници бараат поголема психолошка помош.