Владата на Република Србија на денешната седница донесе измена на одлуката за протокол за влез на српските државјани во Србија, во согласност со епидемиолошката состојба и заштитата на населението од заразна болест КОВИД-19, соопштија од владата.
-Државјаните на Србија можат да влезат во земјата и да се движат без ограничувања со негативен PCR тест за коронавирус, не постар од 72 часа. Ако државјанинот на Србија влезе во земјата без направен тест, тој е должен да помине 14 дена во самоизолација. За време на периодот на самоизолација, има можност да направи тест во една од референтните лаборатории во Србија и доколку тестот е негативен, може да ја прекинат самоизолацијата, се наведува во владиното соопштенние.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската влада пред два дена ги донесе протоколите за влез и излез од Србија и за странските државјани, во кои се наведува дека можат да влезат во Република Србија под два услови – негативен ПЦР тест за коронавирус не постар од 72 часа и потврда издадена од комисија составена од претставници на Министерството за здравство, Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Министерството за надворешни работи и Министерството внатрешни работи. Овој сертификат може да се добие во српската амбасада или конзулат во земјата од која доаѓа странскиот државјанин, се наведува во соопштението.
По најавата дека Србија од 1 јуни ги отвара границите за четири соседни земји, меѓу кои е и Северна Македонија, постоеа повеќе нејаснотии за протоколите за влез во Србија, особено за странските државјани.
Епидемиологот и член на владиниот кризен штаб, д-р Предраг Кон, вчера ја дообјаснуваше потребната документација и процедура за туристите и сите оние кои сакаат да влезат во Србија.
-За овие четири земји (и за РСМ) исто е како и порано. Останатите странци мора да имаат одобрение од владината комисија, која се добива во српските амбасади и со тоа одобрување мора да имаат и ПЦР тест не постар од 72 часа, тоа е сегашниот режим кон странците, изјави Кон за српските медиуми, додавајќи дека за деца помлади од 12 години не е потребен тест.
Весникот Курир, повикувајќи се на неименуван извор блисок до кризниот штаб објави дека е разгледана опцијата за сите кои во четирите соседни земји престојувале најмалку 14 дена, да можат да влезат во Србија без тестирање или домашна изолација.
-Ова значи дека ова не се однесува само на државјаните на тие земји (и на РСМ), туку и на српските државјани кои минале најмалку две недели во една од тие земји. Тоа би значело дека ако одите на море во Црна Гора, треба да останете таму најмалку 14 дена за да не се тестирате или да отидете во самоизолација по враќањето, пишува Курир.