Заштитена со „железен“ предбрачен договор, Мери Кејт Олсен сака што побрзо да се разведе

Холивудската актерка и дизајнерка Мери-Кејт Олсен има железен предбрачен договор што гарантира дека нејзините деловни интереси и богатство се заштитени во случај на развод од Оливие Саркози, тврдат таблоидите.

Таа наводно се разведува од 50-годишниот сопруг, банкарот Оливие Саркози, полубрат на поранешниот француски претседател Николас Саркози, по пет години брак.

А што се однесува до судбината на нејзиниот имот, извор откри за „Ју Ес викли“ дека 33-годишната ѕвезда на серијата „Полна куќа“ и успешна дизајнерка има „железен“ предбрачен договор.

„Нејзините деловни интереси и богатство се заштитени“, рече инсајдерот.

Според ТМЗ, Олсен веќе побарала да се спроведе договорот.

Форбс ги рангираше Мери-Кејт и нејзината сестра близначка Ешли меѓу 11 најбогати жени во светот на забавата во 2007 година, со проценета комбинирана нето вредност од 100 милиони долари.

А од 2019 година, познатите близначки сега вредат по 250 милиони долари, секоја.

ТВ-актерката која стана моден дизајнер, во април се обидела да поднесе барање за развод од францускиот банкар, но судот рекол дека процесот ќе почека заради пандемијата на коронавирус, ТМЗ објави во средата.

Сега Олсен инсистира да се забрза формалниот развод бидејќи двајцата веќе живеат одвоено, а исто така да биде испочитуван нејзиниот предбрачен договор. Таа бара од судот без одлагање да ѝ дозволи да се разведе.

Мери Кејт е во брак со Оливие, полубрат на поранешниот француски претседател Николас Саркози, од 2015 година.

Треба да знаете
Последни објави