Норвешките сили во Ирак предупредуваат на обнова на ИД во услови на пандемија

Норвешките воени сили во Ирак предупредуваат дека терористите на Исламска држава ги користат предизвиците што ги поставува новиот коронавирус и групата е во процес на обнова.

„Парадоксот е дека вирусот што ги смирува другите, доведе до бум за ИД со натамошни терористички напади“, изјави потполковникот Штајн Гронгштад за весникот „Верденс Ганг“.

„Сметаме дека тие имаат стратегија за напад што се состои од подобро планирање и дека конкретно ги таргетираат ирачките сили кои во моментот не се координирани во иста мерка како пред појавата на вирусот. ИД користи бомби покрај патиштата, поседува напредни експлозиви и користи потешко вооружување. Тие исто така знаат како да го искористат во своја полза теренот во пограничните области. Во април имаше дури 20 напади на ИД врз ирачките сили само во провинцијата Анбар“, рече Гронгштад.

Норвешкиот баталјон „Телемарк“ е стациониран во Ирак за обука на ирачките војници за справување со терористичката закана. Во последните месеци, тие немаа физички контакт со ирачката војска како резултат на мерките за запирање на пандемијата, додека милитантите на ИД остануваат претежно во земјоделските области и не се особено изложени на зараза.

Покрај тоа, од затворите се ослободени многу затвореници, вклучително и симпатизери на ИД. Според „Верденс Ганг“, ИД добива нови регрути од поранешни осуденици и од отворените бегалски кампови.

Еден ирачки генерал нагласи дека ИД има тајни ќелии кои вршат напади пред да исчезнат повторно и ја користат т.н. стратегија на брз напад и повлекување.

„Ирак е под голем притисок од неколку страни. Земјата е под финансиски притисок, во политичка криза, а потоа се појави и коронавирусот. ИД користи се што може за да го шири својот терор“, вели генералот Тахсин ал-Кафаги, портпарол на ирачката Заедничка оперативна команда за весникот „Класекампен“.

Според Ал-Кафаги, ИД е незначително мала, но ги заснова своите активности на индивидуални напади.

„ИД претставува закана дури и ако организацијата е територијално поразена. И ИД и Ал Каеда полесно фаќаат тло онаму каде што недостасува владина контрола или каде што преовладува нестабилноста“, рече норвешката министерка за надворешни работи, Ине Ериксен Сореиде, признавајќи дека се плаши од враќање на ИД.

Според Мајкл Крона, автор на „Медиумскиот свет на ИСИС“, оваа пролет бележи значително зголемување на џихадистичката активност преку Интернет.

Исламска држава е екстремистичка група која во летото 2014 година презеде големи делови на Ирак и Сирија и прогласи исламистички калифат. На својот пик таа имаше контрола над една третина од територијата на Ирак, но терористите беа поразени откако ги загубија Мосул во Ирак и Рака во Сирија. По поразот на ИД, десетици илјади нивни војници беа заробени и задржани во логорот Ал-Хол во Сирија.Според Центарот за стратегија и меѓународни студии (CSIS) од Вашингтон,  во Ирак и Сирија има од 20.000 до 25.000 војници на ИД.

Треба да знаете
Последни објави