Како влијае отпадот врз здравјето на граѓаните доколку не се контролира 

Неправилното и неконтролирано управување со отпадот предизвикува големи и сериозни последици по здравјето на граѓаните, но и за целиот екосистем, а не е помалку штетно ни влијанието врз квалитетот на животот. Ризиците по здравјето на луѓето вклучуваат епидемии, заразни болести, алергии, канцерогени заболувања, а загадувањето на почвата, површинските и подземните води, исто така, го оштетува и целиот екосистем, контаминиран со штетни компоненти ослободени од неправилно управување со отпадот, со што здравствените последици се далекусежни.

Неконтролиран отпад значи сè што како општество, домаќинства и индустрија го создаваме како отпад и не е обработено како што треба. Тековната практика во земјата е фрлање и напуштање на отпадот во неконтролирани депонии. Премногу често, овој отпад (кој вклучува пластика, најлон, алуминиум или другo) се гори и токсичните елементи се испуштаат во околината, загадувајќи го воздухот, почвата и водата.

Во моментов има околу 54 депонии во земјава, секоја поголема населба има своја депонија и од сите, само скопската депонија Дрисла има минимална прифатлива практика во управувањето со отпадот. Во овие депонии се гори сè што доаѓа како комунален отпад, од домаќинства или производствени капацитети, економски субјекти без никаква селекција, раздвојување и преработка. Покрај тоа, има уште 200 нелегални депонии низ целата земја каде се прави најголема штета и каде неконтролирано се палат гуми, користени масла и индустриски отпад. Понекогаш, ваквите неконтролирани депонии се градат на алувијални или глисеви почви, а ризикот од загадување на подземните води преку миграција на растворливи материи се зголемува.

Емисиите од согорување, на пример отпадни масла, се должат на композитните варијации на овие масла, кои ослободуваат јаглерод моноксид, сулфур оксиди, азотни оксиди, честички помали од 10 микрометри, органски соединенија (бензен, толуен, полихлориран бифенил), јаглерод диоксид, метан, тешки метали (арсен, хром, кадмиум и олово).

Негативното влијание на нелегалните депонии и неконтролираното управување со отпадот им е познато на граѓаните. Во неодамнешната анкета спроведена на социјалните медиуми, 86% од испитаниците одговориле потврдно на прашањето дали сметаат дека депонијата во близина на нивната општина е опасна по здравјето. Анкетата покажува, исто така, дека граѓаните немаат доволно информации за управување со отпад. Заради отсуство на соодветни информации, населението одбива проекти за регионални депонии за комунален отпад или за неопасен индустриски отпад како што е планирано кај Неготино. А сепак истите луѓе што одбиваат спроведување на контролираните депонии се главниот производител на истиот отпад.

Но, денес земјата ќе направи драстични промени за управување со отпад. Воспоставувањето ред и контрола во управувањето со отпадот е дел од претпристапните преговори за ЕУ, содржани во Поглавје 27, за кои велат дека е едно од најсложените (не само за нас, туку и за напредните економии.) Без оглед, влијанието на лошото управување со отпадот има здравствени последици и штети многу повеќе отколку што знаеме, сме свесни или можеме да укажеме. И во светот и во нашето опкружување се применуваат стандарди и технологии кои не само што ги отстрануваат здравствените последици, туку и даваат на отпадот економска вредност. Но, пред сè, неопходно е фундаментално да се промени свеста на граѓаните за потребата од контролирано управување со отпад и изградба на регионални депонии за управување со отпад.

 

Треба да знаете
Последни објави