Усвојувањето на Законот за заштита и спречување на дискриминација беше победа за сите граѓани и еднаквоста. Заложбата на Министерството за труд и социјална политика беше не само да се изготви закон усогласен со ЕУ директивите и меѓународните стандарди туку навистина да овозможува еднакви права за сите и ефикасна заштита од дискриминација. Со овој закон се овозможува еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Законот, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја прошири заштитата од дискриминација кон сите граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Процесот на подготовка на Законот беше транспарентен и беа вклучени сите засегнати страни како домашни невладини организации, меѓународни организации и институции. Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР.
Ние веруваме дека државата, со ова ново законско решение, направи значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права. Министерството, во соработка со Националното координативно тело за недискриминација, започна со активности во насока на ефикасна имплементација на законот.
Она што останува како итен приоритет и прва задача за следниот собраниски состав е да го усвои законот и да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати кои мора да бидат професионални, независни и навистина да делуваат како бранители на еднаквоста на сите граѓани.
Министерството за труд и социјална политика останува посветено на борбата за слободен и достоинствен живот на сите наши сограѓанки и сограѓани.