Претседателот Стево Пендаровски очекува земјава да ги започне преговорите за членство со ЕУ до крајот на годината.
Во интервју за Телевизија 24, Пендаровски нагласи дека поради корона кризата повеќето процеси во ЕУ се одложени, што му било посочено и од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, според кого, се се одложува и мора да се причека на отворање на границите во Европа.
– Битно е да почне таа флуктуација, инаку поинаку не може се да се решава преку компјутер. Со се пандемијата, за која не знаеме како ќе се развива и веројатно нема да биде полошо од денес, до крајот на годината би требало да се одржи првата конференција, истакна Пендаровски.
Околу нашата подготвеност за преговорите со ЕУ, шефот на државата истакна дека уште во 2015 година кога го добивме кандидатскиот статус веќе се подготвени 35 преговарачки тимови, потенцирајќи дека во Секторот за европски прашања и по министерствата има луѓе кои се долги години во евроинтеграцискиот процес и ги разбираат работите поврзани со него.
– Тврдам дека во моментов сме поподготвени за преговори со ЕУ по сите шест кластери од сите кандидати за членство во последниве 15 години во моментот кога ги почнувале преговорите, истакна Пендаровски.
Сепак, според шефот на државата ако не организираме „европски” избори, не можеме да се надеваме на одржување на првата меѓувладина конференција, што практично ќе го означи стартот на преговорите за членство.
– Ако сега направиме избори кои се под нивото на претседателските и локалните, за каква кредибилна потенцијална европска демократија ќе станува збор, ако не можеме ни есенцијалниот прв чин од демократијата да го изведеме како што треба, рече Пендаровски.