Во Италија продолжува да опаѓа бројот на починати на дневно ниво од Ковид-19, како и бројот на новизаразени, а расте бројот на излекуваните пациенти. Денеска починале 242 лица, што е за 20 помалку од претходниот ден, а потврдени се уште 789 заболени, или околу 200 помалку отколку во четвртокот, пренесува Ројтерс.
Вкупно 31.610 лица починаа во Италија од избувнувањето на епидемијата, објави Агенцијата за цивилна заштита. Бројот на потврдени случаи се искачи на 223.885. Во однос на бројот на починати, Италија е на третото место по САД и Велика Британија, а во однос на бројот на заразени е на петтото место зад САД, Шпанија, Велика Британија и Русија.
На интензивна нега има 806 лица. До денес закрепнале 120.205 луѓе, 5000 повеќе од вчера.