Неколку дански партии сакаат нивните германски и норвешки соседи да можат да влезат во земјата ова лето, но за разлика од нив, Швеѓаните треба да останат на нивната страна од теснецот Оресунд, сметаат тие, пренесува Данското радио.
Причината е што Норвешка и Германија имаат сличен ризик од зараза со Ковид-19 како Данска, додека ситуацијата во Шведска е различна поради немањето стратегија за излоација и недостигот од масовно тестирање.
Претседатеот на Конзервативците Сорен Папе Поулсен, меѓу другите, предложи траектот меѓу Осло и Копенхаген да продолжи со работа.
„Ќе се отвориме за земјите кои имаат контрола врз заразата и каде раширеноста на инфекцијата е мала, како Норвешка и Германија. Малите гратчиња на данското западно крајбрежје се многу зависни од туристичката сезона “, изјави Поулсен за Данското радио.
И другите партии се согласуваат со предлогот.
„Не мора да чекаме да ја отвориме границата со Шведска за да можат граѓаните од Германија да не посетуваат. Ако не е оправдано отворањето на границата со Шведска од здравствени причини, Швеѓаните можат да останат таму каде што се, а Германците може да дојдат овде “, рече Јакоб Елеман-Јенсен, претседател на либерално-конзервативната опозициска партија Венстре.
Дури и национално-конзервативната Данска народна партија се согласи со предлогот.
„Ако се отворите различно кон различни земји, можете и побрзо да се отворите“, рече претседателот на партијата, Кристан Тулесен Дал.
Лидерката на Новата десница, Перниле Вермунд, поддржува разликување на туристите врз основа на националноста.
„Не можеме да ги отвориме границите целосно, дури ни за Германците и Норвежаните. Треба да најдеме начин да се осигураме дека оние што доаѓаат можат да го сторат тоа безбедно “, истакна таа.
Само малцинство од данските партии, Либералната алијанса и Алтернатива, се подготвени да ги пречекаат Швеѓаните.
„Сигурен сум дека Швеѓаните и Германците се подеднакво добри во соодветното однесување,“ вели Алекс Ванопслаг од Либералната алијанса.
Одлуката за тоа како и кога да се отворат границите ќе биде готова до 1 јуни.
Со 10.713 потврдени случаи и 537 смртни случаи, Данска е на пат повторно да се отвори по еднмесечната изолација. Спротивно на тоа, Шведска се воздржа од изолација и наместо тоа, се потпира најмногу на доброволните, индивидуални ограничувања. Досега има забележано скоро 28.500 потврдени случаи и повеќе од 3.500 смртни случаи.