Од граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ од Скопје велат дека се загрижени поради новонастанатата состојба на споменичното место „Спомен плоча на место на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза“ на плоштадот „Македонија„ пред Г.Т.Ц. Скопје, каде што е изграден нов плочник и е поставен тревник.
Од Здружението бараат доуредување на просторот пред спомен – плочата, поточно враќање на четирите месингани агли кои ја означуваат местоположбата на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза и градителот на реновираниот плоштад на тој дел веднаш да ги постави на поплочено плато кое ќе биде поврзано со патека до старата стоковна куќа, осносно „Тера Нова“.
„Бараме поставување на информативни табли за значењето на тоа културно – историско и свето место на повеќе јазици разбирливи за целиот свет и враќање во туристичката понуда на градот. Бараме веднаш да се реновира Феудална кула каде што е „Спомен – собата на Св. Мајка Тереза“ и ставање во туристичката понуда на градот. Бараме спомен плочата на Св. Мајка Тереза да не претставува колатерална штета и преку ликот и делото на Светицата и Нобеловката Мајка Тереза да не се препукуваат партиски, материјални и национални интереси, бидејќи Св. Мајка Тереза е симбол на космополитизам, екуменизам, хуманизам и зближување на народите“, велат од Здружението.
Од таму велат дека барањето го доставиле до Град Скопје и до сите надлежни институции во државава.
„Барањето го искажуваме на ваков начин, бидејќи на нашето писмено барање доставено до Градот на 19 ноември 2019 година се уште немаме одговор. Исто така, одговор немаме и од пријавата до П.С. Беко за исчезнувањето на четирите месингани агли од 14 ноември 2019 година“, велат од таму.