Во Лондон бројот на новозаразени лица се спушти на 24 на ден, поради што експертите предвидуваат дека за две недели британскиот главен град би можел да биде без нови случаи на Ковид-19, објави „Сан”.
Истражување на Институтот за јавно здравје на Англија и Универзитетот во Кембриџ покажува дека стапката на репродукција на вирусот во главниот град се спушти на 0,4 од 2,8 колку што беше пред воведувањето на мерките за карантин. Британски „Телеграф” пренесува дека бројот на новозаразените лица во градот е двојно помал на секои 3,5 дена.
Сепак, водечките експерти ја доведуваат во прашање точноста на овие податоци и предупредуваат дека тие може да не ја одразуваат вистинската состојба во однос на бројот на заразени лица во Лондон.
Доктор Себастијан Фанк за радио Би-Би-Си изјави дека има одредена несигурност во врска со точноста на податоците кои се однесуваат на Лондон, но оти е точно дека бројот на починати и заразени во главниот град, иако е значително поголем од другите делови на земјата, се намалува многу брзо.
Во Лондон беше првото жариште на епидемија во земјата, додека брзината на ширење на заразата беше повисока отколку во други делови на земјата, но сега ситуацијата во градот е подобра отколку во цела Велика Британија, каде што стапката на репродукција на вирусот е 0,75.