„Вината и одговорноста за оваа одлука е во пратениците, особено владеачкото мнозинство кое предизборната кампања ја засноваше на градењето на едно општество за сите и ни ветуваше унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Одговорност имаат и Талат Џафери, Претседателот на Собранието и Стево Пендаровски, Претседателот на државата кои морале да знаат дека законот е донесен спротивно на Уставот.
Со новото законско решение за првпат експлицитно се забрани дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, со што требаше конечно да се овозможи поголема заштита и правно признавање на идентитетот на ЛГБТИ луѓето. Усвојувањето на овој закон беше резултат на нашата долгогодишна работа, неуморна посветеност и упорност, сè со цел да овозможиме подобар живот за ЛГБТИ луѓето, причина за гордост и надеж дека еден ден државата и сограѓаните ќе нè третираат како еднакви. Сепак, не сметаме дека нашите напори се залудни и покрај разочарувањето.
Пораката која ја испративте до ЛГБТИ луѓето, но и до другите групи на ранливи, различни, понижувани и обесправени граѓани како Ромите, сиромашните, политички неподобните, луѓето со попреченост, жените и работничките е дека нивните права и животи се неважни. Ние немаме политичка моќ, ние немаме пари, ние не можеме да ви донесеме гласови на избори, но не сметаме дека тоа е предуслов за да ни овозможите достоинствен живот кој ни го должите со самиот факт што постоиме.
Ефикасна и ефективна заштита од дискриминација како крајна цел треба да има зауздување на привилегиите стекнати спротивно на закон, а овозможување на еднаков пристап до човековите права за најмаргинализираните, како клучни ресурси во демократијата. Оттука, разбираме дека малку е веројатно одвашата привилегирана позиција да се ставите во нашите чевли и заедно со нас да работите на унапредување на нашите права, но, нашите права не се прашање на вашата емпатија и милостина, туку прашање на ваша обврска и должност.
Ние ќе продолжиме уште погласно да ве потсетуваме на вашите долгови и обврски. Нашата различност ни овозможи да развиеме мрежи на поддршка и безбедни простори во кои дел од нас можат да живеат слободно и достоинствено. Нашата маргинализација ни овозможи да се солидаризираме со сите обезправени заедници, а преку нашата борба да се залагаме за еманципација на целото општество.
Ги потсетуваме институциите дека и покрај укинувањето на законот имаат обврска да ги штитат ЛГБТИ луѓето од дискриминација и со нив да постапуваат достоинствено и еднакво. Сите ЛГБТИ луѓе ги повикуваме да се приклучат кон нашата борба за да ја зајакнеме нашата политичка моќ“ се вели во реакцијата на Национална мрежа против хомофобија и трансфобија.