Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) објави препораки за пливање во морските и копнените површински води за време на епидемијата и за пливањето во базени и водни паркови, при што максималниот број луѓе на плажите е ограничен на 15 на површина од 100 квадратни метри.
„За морските и слатководните капалишта, максималниот број лица дозволени да останат во исто време се определува според принципот 15 лица на 100 квадратни метри нето-површина“, се вели во препораките на ХЗЈЗ.
Покрај тоа, на сите посетители и вработени им се советува да се придржуваат кон правилата за физичко растојание од 1,5 метар, што вклучува и растојание при пливање.
Исто така, на влезот и во подрачјето каде што престојуваат посетителите, потребно е да се постават информации за хигиенски процедури и со упатства за правилно однесување и мерки за заштита што треба да се следат или кои се валидни во таа област.
На морските и слатководните капалишта неопходно е да се постават дозери со средства за дезинфекција на разумни растојанија и на видливи места. Исто така, концесионерот треба да ги оддели лежалките за да обезбеди физичко растојание и да обезбеди лице штпо може да ги надгледува пропишаните мерки.
Лежалките треба да се дезинфицираат неколкупати на ден, а особено откако одреден гостин веќе не ја користи лежалката и пред да ја користи друг гостин.
Чистењето и дезинфекцијата на санитарните јазли треба да се врши на секои два часа (доколку е потребно и почесто), како и да се зголеми бројот на вработените за дневно чистење во секој санитарен јазол. Во исто време, употребата на санитарните јазли треба да биде ограничена во согласност со големината и пропишаните санитарни услови, се додава во упатствата.