Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на на акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Неготино, Тони Делков извршија увид во градежните работи на социјална зграда во Неготино.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска посочи дека Владата овозможи проектите од градежниот сектор да се одвиваат со непречена динамика и во услови на здравствена и социо-економска криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19.
„Градежниот сектор во континуитет работи и со тоа се овозможува реализацијата и на капиталните инвестиции на државата, со што се одржува економијата жива, што е многу важно во овој специфичен период во кој е нашата држава, но и целиот свет. Важно е да се напомене дека оваа капитална инвестиција не само што придонесува за економијата, туку ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот на 62 ранливи семејства од општина Неготино и околината, кои во 2021 година ќе можат да добијат социјален стан. Со вакви проекти докажуваме дека се грижиме и за ранливите категории на граѓани, но и развој на економијата. Капиталните инвестиции, навистина придонесуваат да останеме стабилни како економија во овој период и ќе продолжиме со нивна реализација. Ќе продолжат со изградба социјалните згради, со кои го надминуваме проблемот на домување, како основа на квалитетен живот, за што во минатото малку се вложувало. Со вложувањето во социјалното домување, обезбедување на соодветно домување за граѓаните коишто се најранливи, го менуваме нивото на квалитет на живеење, не само што социјалниот систем придонесува со финансиска помош за овие категории на граѓани, туку обезбедуваме и да секое семејство добие свое топло катче“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека пред десет месеци е отпочнато со градбата на оваа социјална зграда во Неготино и притоа нагласи дека е многу задоволен од динамиката и прогресот на изградбата. Тој додаде дека Министерството за транспорт и врски за изградба и санација на локални улици во Неготино обезбеди 800 илјади евра.
„Сакам да истакнам дека во делот на изградба на социјални станови за оваа година предвидовме средства во висина од преку 3 милиони евра и само во моментов во тек е изградба на 5 социјални згради во Неготино, Пробиштип, Бутел, Виница и Свети Николе или вкупно 506 станови. Изградбата е многу важна да продолжи со забрзана динамика не само на оваа зграда туку за сите капитални проекти, важна е за целокупната економија, за гредежништво и гранките што ги покрива градежништвото. Во овие услови на здравствена криза која силно влијае врз економијата, се трудиме како Влада максимално да ги забрзаме сите проекти, за да се работи на терен, да им се исплаќаат плати на градежниците и на тој начин економијата и градежништвото да ги вратиме на старите патеки со раст. Во таа насока, сакам да потенцирам дека со силно темпо се одвиват сите капитални проекти во нашиот ресор, во делот на изградба на патиштата, водоводите и канализациите и гасификацијата и уверувам дека на сите проекти максимално сме посветени и ќе се завршуваат во рамките на предвидените рокови“, потенцираше министерот Сугарески.
Сугарески се осврна и на процесот на изградба на магистралниот гасоводен систем, како еден од клучните капитални проекти за Северна Македонија, пришто подвлече дека на овој проект се посветува големо внимание од АД Национални енергетски ресурси, од Министерството за транспорт и врски и од Владата.
„Ако има проект на кој оваа Влада посветува толкаво големо внимание тоа е гасификацијата на државата. Со најбрза динамика се градат и двата проекти, без застој, без никакви проблеми. Кога дојдовме на власт затекнавме 0% експропријација и само празни зборови дека нешто граделе. За две и пол години ја завршивме целата експропријација и оваа година ќе бидат завршени гасоводите од Неготино до Битола и тој од Скопје до Гостивар. Тоа е начинот на кој ние работиме. Без празни фоскули како што тие правеа и се уште прават, без лаги и манипулации, само со посветеност и работа на терен“, заврши Сугарески.
Директорот на Акционерското друштво за изградба и и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката, Кристијан Трајковски посочи дека во овој момент имаат започнато постапки за изградба на три социјални згради во државата, при што истакна дека очекува до 15 јуни да бидат избрани изведувачи за овие објекти и потоа да се започне со градба.
„Остануваат уште 5 локации за изградба на социјални згради, за кои подготвуваме документација за јавна набавка и кои би требало да бидат објавени наредната недела“, додаде директорот Трајковски.
Градоначалникот на Неготино, Тони Делков изрази задоволство од прогресот на изградбата на станбената социјална зграда и посочи дека со овој проект се решаваат реални проблеми со кои се соочуваат граѓаните од најранливите категории во овој град.