Литванија, Латвија и Естонија ги отворија границите на полноќ, така што нивните граѓани ќе можат да патуваат слободно во рамките на трите балтички земји, додека за патниците од другите земји ќе биде задолжителен карантинот од 14 дена.
Со ова е создаден првиот „патнички меур“ во рамките на Европската Унија, со цел да се оживее економијата погодена од пандемијата на коронавирус. Оваа одлука на балтичките земји доаѓа во време кога Европската Комисија се обидува да ги убеди земјите членки на ЕУ да ги отворат своите граници.
„Балтичкиот ‘патнички меур’ за патниците е можност за заживување на економијата и трошка надеж за луѓето дека животот се враќа во нормала“, рече премиерот на Литванија, Саулиус Сквернелис.
Сите три балтички земји имаат мал број заразени и вкупно 135 смртни случаи од коронавирус.
„Нема причина да се грижиме дека отворањето на границите ќе доведе до ширење на заразата“, рече естонскиот министер за внатрешни работи, Март Хелме.