И сега и за 15 години ќе го мислам и тврдам истото. Настаните кои му претходеа на упадот во собранието на 27 април беа смислено сценарио во кое не учествуваа само пратениците од ВМРО – ДПМНЕ туку и пратеникот Зекирија Ибираими кој ја пееше албанската хима од Собраниската говорница. Ова на денешното судење на организаторите на 27 Април го кажа сведокот Весел Мемеди, поранешен пратеник.
-Се сеќавам убаво дека Крсто Мукоски се пријави да говори процедурално и ја пееше македонската химна. Веднаш штом почна да ја пее, видов дека Џеват Адеми и Артан Груби, кои седеа пред мене, се пријавија за збор и видов дека пратеникот Зеќирија Ибрахими, десно од мене, се пријави после нив. Откако Мукоски заврши со химната, претседавачот Трајко Вељаноски му даде збор на Ибрахими, иако другите се пријавија први. Се сеќавам и дека Џеват реагираше зошто му дал збор на Ибрахими кога тој се пријавил прв,сведочеше Мемеди.
Додека тој ја пеел химната, Мемеди сведочеше дека пратениците од ВМРО ДПМНЕ барале тишина во пленарната сала за да се слуша подобро а пратеникот Стевананџија им гестикулирал да се смират.
Неговот сведочење се обиде да го побие спикерот Вељаноски, кој во вкрстеното испрашување го праша дали доколку некој се пријави процедурално за збор може во меѓувреме да се повлече, што Мемеди потврди.
Адвокатите од одбраната, пак велат дека нема доказ за тврдењата на Мемеди и дека ќе ги повикаат како сведоци пратениците Груби и Адеми.
Обвинителката Вилма Рускоска вели дека нема докази околу евентуалната инволвираност на Ибраими како што тврдеше сведокот Мемеди.
Мемеди доаѓа од партија НДП, која беше дел од владејачката коалиција, но лани летото си даде оставка и го напушти Собранието.
На денешното рочиште сведочеше и Стефан Младеновски, обвинет во првиот процес за насилствата во Собранието од 27 април а потоа амнестиран, кој го повтори исказот даден во претходниот процес и во детали објаснуваше за поврзаноста и координираноста меѓу екс директорот на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски и Александар Василевски Нинџа, околу организирањето на протестите и упадот во Собранието.
Како сведок во процесот ќе се појави и Александар Василевски кој во моментов издржуива затворска казна од 8 години за упадот во собранието.
За организирање на упадот и насилствата во Собранието на 27 април обвинети се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристевски и Владимир Атанасовски. Во истрагата за беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена бидејќи се во бегство.