Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги апелира до потрошувачите се додека на сила е вонредната состојба, но и во периодот до враќање во нормала, да продолжат да ги користат новите дигитални услуги од енергетските компании, но и од комуналните претпријатија со кои се избегнува физичкиот контакт, а се овозможува отчитување на броила и водомери.
„Во изминатиот период на вонредна состојба компаниите врз коишто имаме надлежност ги приспособија услугите согласно насоките и препораките од Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Дел од нив, понудија решенија со коишто побрзо, поедноставно и без физички контакт се овозможи прибирање на податоци неопходни за непречено функционирање на системот. Сакам да апелирам до потрошувачитеда ги користат овие дигитални услуги како што е онлајн пријавување на состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија. Истото се однесува и за можноста што ја нуди ЈП за водовод и канализација Скопје преку мобилна апликација за пријавување на состојба на водомер од 10-ти до 16-ти секој месец“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.