САД ја обвинија терористичката група Исламска држава, а не Талибанците, за нападот на породилиште во Авганистан, во кој загинаа 24 лица, вклучувајќи и две новороденчиња. Вашингтон ги повика властите во Кабул да ги продолжат преговорите со Талибанците.
Пораката од САД доаѓа откако во вторникот авганистанскиот претседател Ашраф Гани и нареди на војската да премине на „офанзивен начин на дејствување” против Талибанците по нападот на болница во Кабул и самоубиствениот напад во провинцијата Нангахар, каде се убиени голем број луѓе.
Американскиот специјален претставник Залмај Калилзад во изјавата објавена на Твитер ја обвини ИД за двата напади, во која се вели дека вооружената група се спротивставува на каков било мировен договор со Талибанците и сака да започне секташка војна во Авганистан, по примерот на онаа во Ирак.
„Наместо да паднат во стапицата на ИД и да го одложат мирот или да создадат пречки на патот кон него, Авганистанците мора да работат заедно за да ја уништат оваа напаст и да ја искористат историската шанса за мир. Нема оправдување. Авганистан и светот заслужуваат подобро”, напиша Халилзад.
Група поврзана со ИД ја презеде одговорноста за нападот во Нангархар, додека сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот во Кабул. Талибанците негираа вмешаност во нападот, но авганистанската влада ги обвинува за создавање на средина во која напредува „тероризмот”.