Почна изградбата на улиците 1 и 2 во пехчевското село Робово. Градоначалникот Драган Тренчовски кој изврши увид во градежните работи информираше дека изградбата на улиците се реализира со заем од Светска банка, преку проект за подобрување на општинските услуги.
-Активностите се имплементираат преку Министерството за финансии во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) – Втор МСИП, информираше Тренчовски.
Тој додаде дека проектот содржи пет потпроекти:
-Со проектот се опфатени доградба на трпезаријата на градинката „7 Септември” во Пехчево, изградба на улиците 1 и 2 во село Робово и изградба на улиците 1 и 2 во село Умлена. Вкупната финансиска конструкција на потпроектите изнесува 5,8 милиони денари. Моментално работите се во тек и на доградбата на трпезаријата на градинката во Пехчево и изградбата на улицата бр.2, која поминува покрај подрачното училиште во село Робово, додаде Тренчовски.
Согласно со предвидената динамика на градежните активности, како што додадоа од општината, сите потпроекти треба да бидат завршени до крајот на септември 2020 година.