По неколкунеделна пауза поради вирусот Ковид-19, денеска повторно отпочна со работа Градскиот пазар во Делчево. Продажбата на прехранбени и раноградинарски култури, која беше дозволена за време на пазарниот ден, се одвиваше согласно предвидените мерки за заштита од коронавирусот, информираше Стојче Стојковски, директор на Јавното комунално претпријатие „Брегалница” кое стопанисува со пазарот.
– Согласно одлуката на Општинскиот кризен штаб, од денеска почна со работа Градскиот пазар, исклучиво за продажба на земјоделски производи. Екипа на претпријатието од 6 часот наутро присуствува на пазарот со вкупно 16 редари. Досега работата на пазарот се одвива нормално и луѓето кои пазаруваат и продавачите се придржуваат кон насоките што ги добиваме и од редарите и од надлежните органи, рече Стојковски.
Граѓаните изразија задоволство што по пауза од неколку недели можат да купат поевтини производи.
-Додека траеше забраната за работа на градскиот пазар, цените во локалните пиљари и маркети беа повисоки за одредени производи. Се надеваме дека отсега натаму ќе може да купуваме по пониски цени, истакнаа граѓани.
На последниот сотанок на Општинскиот кризен штаб беше напоменато дека доколку денешниот пазарен ден помине во најдобар ред, за следната сабота ќе се разгледува можноста пазарот да биде отворен и за продажба на текстилни и пластичарски производи.