За два до три пати е зголемен бројот на пациенти со ургентна патологија на Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски” – Скопје, позната како стара Градска болница од почетокот на епидемијата на Ковид-19. Во периодот од 1 април до 12 мај направени се 5.523 прегледи и извршени се 193 хируршки процедури со доминантна застапеност од областа на трауматологијата, абдоменалната хирургија, неурохирургија, како и други општо хируршки инервенции.
Поради коронакризата во стара Градска болница изминатите два месеца се изведуваа само итни интервенци и операции кај пациенти со малигни заболувања, но, како што вели во интервју за МИА директорот на Клиниката, д-р Љубен Арсенков во периодот што следи се размислува секако и за начинот на постепено враќање во поинакви услови на работење.
Во Клиниката не се вршат тестирања за Ковид-19, бидејќи нема услови за тоа, но затоа, додава Арсенков, уште при првичниот контакт со пациентот и земената анамнеза, односно епидемиолошка анкета следена со мерење на температурата, се прави тријажа и пациентот се прима за натамошни иследувања.
-Доколку телесната температура е покачена или епидемиолошката анкета е позитивна, се превземаат дополнителни мерки за заштита и пациентот се препраќа во установи назначени за згрижување на овие пациенти, истакнува тој во интервјуто за МИА и очекува во иднина тестирањето да биде вклучено и таму во предоперативната подготовка кај пациентите.
Само пет вработени медицински лица од оваа Клиника заболеле од Ковид-19, а по спроведената самоизолација тие се вратени на работа. Внатрешна трансмисија не е забележана, како и заразување на хоспитализираните болни.
За основните здравствени услуги кои граѓаните можат да ги добијат во Клиниката вообичаено, но и во услови на епидемија на Ковид-19, за работите на реконструкцијата на стара Градска болница, која функционира уште од 1963 година, за протоколите кои се спроведуваат сега во услови на коронаворусот зборувавме во интервјуто за МИА со директорот Љубен Арсенков, кој е субспецијалист по дигестивна хирургија, а од јануари е на чело на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” – Скопје.
Кои се основните здравствени услуги, кои Клиниката им ги пружа на граѓаните во услови на епидемијата, дали останавте на тоа што претходно го работевте или има некои услуги кои дополнително ги нудите за да се растоварат останатите установи кои се фокусирани на справувањето со Ковид-19?
Би започнал со еден краток историјат за нашата установа. Ние сме Клиника за хируршки болести, односно во установата основна дејност е хирургијата. Можеби поради фактот што сме познати како стара Градска Болница остава простор да се претпостави дека во болницата се обавуваат и други дејности, но за потсетување за граѓаните не е на одмет да повториме што всушност работиме. Нашата клиника функционира како хируршка установа уште од 1963 година, што само по себе е симболично за градот во кој што работиме, но воедно говори за една долга традиција.
Во клиниката, која е и наставна база на Медицинскиот факултет, се застапени сите специјалности од областа на хирургијата, освен кардио и торакална хирургија. Со поддршка на тимовите од одделението за анестезиологија, радиологија, биохемиска лабароторија, со голема помош од висококвалификуваниот медицински персонал сметам дека го задржуваме високото ниво на пружање на здравствените услуги во нашата клиника.
Една специфичност во нашето работење е соработката и отворениот пристап кон сите установи и профили кои недостасуваат кај нас за да можеме со мултидисциплинарен пристап кон пациентите оствариме подобри резутати. Посебно е значајна соработката со Специјалната болница за гинекологија Чаир, со која речиси на дневно ниво соработуваме и многу често изведуваме хируршки зафати кои бараат учество на гинеколог и најчесто абдоминален хирург.
Во новонастанатата ситуација со епидемијата од Ковид-19, според организацијата и планот на Министерството за здравство, Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски” ги прифаќа и третира сите пациенти од градот Скопје кои имаат некаква хируршка болест или состојба, и притоа немаат симптоми на инфекција со вирусот.
Каква е состојбата во Клиниката откако е прогласена епидемијата на Ковид-19, како функционирате?
Клиниката веке пет години работи со намален болнички капацитет поради реконструкцијата. Кога се прогласи епидемијата се забрзаа одредени финални фази за реновираниот дел да се пушти во функција и да се обезбеди доволно простор за тријажа, прием и епидемиолошка евалуација на пациентите. Како и за остатокот од светот, така и за нас, ова заболување досега беше непознато и нешто ново со кое за прв пат се соочуваме. На почетокот наидувавме на одредени нејаснотии но морам да кажам дека сум горд со начинот на кој нашата установа се справува со тоа. Веднаш се формира Координативно тело за справување со новонастанатата состојба кое воведе протоколи и мерки за работа во тие услови. Се направи еден изолаторен простор на влезот во самата установа, каде што се мереше телесна температура и се земаше епидемилошка анкета. Се реорганизира работата во поликлиничкиот дел, со отворање на уште една дополнителна амбуланта за ургентни случаи и се направи прераспоредување на медицинскиот кадар, со цел ризикот за заразување на персоналот и пациентите да биде сведен на минимум.
Што се планира по однос на реконструкцијата на Клиниката?
По завршувањето на вонредната состојба, се надевам дека градежните активности, кои се во надлежност на Министерството за здравство, ќе продолжат и ќе се завршат во што поскор рок. Исто така, очекувам дека ќе имаме поддршка и од градот Скопје, поради тоа што веќе имаме изработено план за поставување настрешница на влезот и корекција на пристапот кон болницата. Во моментов активно работиме на прибирање донации, без кои што не би можеле да функционираме, а на наше огромно задоволство, дел од тие се реализирани, со што условите за работа веќе се променети на подобро, а со самото тоа верувам дека и гордоста и ентузијазмот на сите вработени се издигнува на едно повисоко ниво.
Дали граѓаните добиваат навремени здравствени услуги, до нашата редакција постојано стигнуваат поплаки од граѓани, кои се соочуваат со влошена здравствена состојба, но поради епидемијата често пати не можат да добијат соодветна здравствена интервенција?
Без лажна скромност можам да кажам дека буквално сите пациенти кои дошле до вратите на нашата болница беа прегледувани. Исклучително мал број пациенти се препраќани, и тоа најчесто по епидемиолошка индикација. Свесни дека наша должност е да ги згрижиме сите оние кои бараат медицинска помош, најодговорно и најпрофесионално одговоривме на сите предизвици. Најголем проблем можеби беше метежот што се создаваше на самиот влез во клиниката. Но, сето тоа беше неизбежно имајќи во предвид дека во нормални околности во амбулантата за ургентни случаи беа изведувани по нешто повеќе од 100 прегледи дневно, додека во последниве денови се случува да имаме и блиску до 300 прегледи во 24 часа. Имаше ситуации кога беше неопходна соработка со службени лица од МВР за воспоставување на редот, за што исто така морам да изразам огромна благодарност, и би сакал уште еднаш да истакнам дека се што работиме заедно со претставниците на полицијата е во корист на пациентите, со цел почитување на мерките и препораките и спречување на ширење на вирусот.
Има ли некој посебен протокол, алгоритам на постапување за здравствените услуги, кои ги нудите, со оглед на тоа што сме во епидемија, колку случајот треба да биде итен за да интервенирате?
Придржувајќи се до препораките од Комисијата за заразни болести секако базирани на препораките од СЗО, изминатиов период се изведуваа само интервенци кои беа итни и операции кај пациенти со малигни заболувања. Но во периодот што следи се размислува секако и за начинот на постепено враќање во поинакви услови на работење. Општо прифатено мислење е дека следи период на нова нормалност, и дека сите натамошни чекори се неизвесни. Светските искуства говорат дека се спроведуваат одредени системи за рангирање и одредување на правилен и пред се коректен распоред за закажување на претходно одложените прегледи и операции. Ние во моментов сме во фаза на имплементирање на сите тие препораки и адаптирање на новиот начин на функционирање.
Дали пациентите кои ги примате ги тестирате за Ковид-19?
Во нашата Клиника нема услови за тестирање на Ковид-19. Затоа уште при првичниот контакт со пациентот и земената анамнеза, односно епидемиолошка анкета следена со мерење на температурата, се прави тријажа и пациенот се прима за натамошни иследувања кај нас. Доколку телесната температура е покачена или епидемиолошката анкета е позитивна, се превземаат дополнителни мерки за заштита и пациентот се препраќа во установи назначени за згрижување на овие пациенти. Се очекува дека во иднина, барем во непосредниот период по кризата, предоперативната подготовка кај пациентите ќе вклучува и тестирање за Ковид 19. Во таков случај ќе треба да се направи адаптација на дел од просториите во самата установа за таа намена. Сепак, ќе ги почекаме натамашните насоки од Министерството за здравство.
Со оглед на тоа што функционирате како Ургентен центар, како работите сега во услови на корона има ли зголемување или намалување на бројот на итните интервенции?
Нашата установа пред се е Клиника за хируршки болести, во која секако има амбуланта за ургентни случаи, и постојано истите се третираат. Впечатокот дека сме ургентен центар присутен во јавноста веројатно се должи пред се на поставеноста на Клиниката во центарот на градот, нејзината достапност и честото пристигнување на возила на итната медицинска помош кои со сирени го најавауваат доаѓањето на итен пациент кај нас. Не смее да се занемари спремноста и стручноста на вработените во болницата да одговорат и на најитните ситуации. Како што претходно напоменав, се соочуваме со 2 до 3 пати зголемен број на пациенти со ургентна патологија кои бараат преглед кај нас, и не би било грешка да се каже дека во моментов претставуваме еден вид на ургентен центар за градот Скопје.
Изминатите два месеца какви интервенции преовладуваат во болницата, имате ли некаква статистика?
Водењето на уредна статистика е дел од редовниот процес на работата во установата. Во периодот од 1 април до 12 мај кај нас се направени 5523 прегледи и извршени се 193 хируршки процедури со доминантна застапеност од областа на трауматологијата, абдоменалната хирургија, неурохирургија, како и други општо хируршки инервенции.
Имате ли доволно кадар во моментов на располагање, дали можеби дел од вашиот персонал е ангажиран во други институции за справување со Ковид-19?
Како што е случај во голем дел здравствени установи, и ние се соочуваме со недостиг на кадар, особено во одредени профили. Но, не се дозволи тоа да има реперкусии по адекватното лекување на болните. Очекуваме во наредниот перод недостигот на кадар да биде пополнет, а особено ветувачки е фактот што има најава за трансфер на доктори и медицински сестри од други установи кај нас. Свесни дека Клиниката за Инфективни Болести и одделот во ГОБ 8 Септември се соочија со голем број суспектни или заразени пациенти излеговме во пресрет и упативме средно медицински персонал во 8 Септември за предвидената ротација на медицинските сестри.
Како стоите со заштитната опрема за вработените?
На самиот почеток на епидемијата набавена е доволно заштитна опрема и до сега немавме недостиг од истата. Со сопствени набавки како и голема помош од Министерството за здравство и донации од фирми и поединци досега тоа не претставуваше проблем во функционирањето.
Дали имате заболен здравствен работник од клиниката, со која раководите, од Ковид-19?
Со големо задоволство може да потенцираме дека придржувајќи се до мерките за лична заштита и одредените протоколи само пет позитивни медицински работници беа евидентирани. По спроведената самоизолација истите се веќе вратени на работа. Внатрешна трансмисија не е забележана како и заразување на хоспитализираните болни.
Како здравствен работник ваша оценка за состојбата со вирусот во земјава, колку надлежните соодветно реагираа и на што се должеше зголемувањето на случаите изминатите денови?
Сметам дека досега состојбата добро се менаџира од страна на сите надлежни институции. Бројките не секогаш зависат единствено од препорачаните мерки и активности, туку пред се од тоа колку тие се почитуват од страна на населението. Најверојатно, токму тоа непочитување на одредени лица доведе до зголемување на бројот на заразени изминатов период. Искрено се надевам дека ќе се сфати сериозноста на ова заболување и во иднина нема да има вакви случаи.
Што не очекува понатаму?
Претходно споменатата нормалност не се однесува само на состојбите во здравството туку и во сите останати сфери на општественото живеење. Враќање и воспоставување на претходно занемарените вредности, враќање на довербата во здравството и институциите во државата воопшто, за мене тоа е можеби светлината на крајот од тунелот во изминативе неколку месеци. Верувам дека оваа немила ситуација сите не потсети колку е всушност битно здравјето, а следствено на тоа и сите здравствени установи. Се надевам дека на долг рок ќе резултира со подобрување на условите и услугите кои се пружаат во јавното здравство.