Европската унија ќе изврши дипломатски притисок да го спречи Израел да го спроведе најавениот план за анексија на деловите од Западниот Брег, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Тој најави дека ЕУ ќе го искористи „целиот дипломатски капацитет” да го одврати Израел од таквиот потег, што беше одобрен врз основа на мировниот план за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп.
Иако земјите од ЕУ се вознемирени од најавената анексија, за која тие велат дека ќе го прекрши меѓународното право и ќе им нанесе штета на шансите за мир, тие не се единствени и не можат да се договорат какви мерки да се преземат против Израел.
-Она што сите се согласуваат е да ги зголемиме нашите напори и да допреме до сите учесници на Блискиот Исток, рече Борел по разговорите со министрите за надворешни работи на ЕУ, изразувајќи подготвеност да го стори тоа, како што рече, и ќе го стори „во следните неколку дена, користејќи ги сите дипломатски вештини за да се спречи каква било унилатерална акција”.
-Како дел од тие напори, ќе се одржат разговори со официјални лица во Вашингтон и арапските земји, како и со Израелците и Палестинците, рече Борел.
Новата израелска Влада утре ќе положи заклетва, по повеќе од една година политичка блокада, за кое време се оддржаа три изборни круга без јасен победник.
Новата влада е формирана врз основа на договор помеѓу конзервативниот Ликуд на сегашниот и иден премиер Бенјамин Нетанјаху и партијата на центарот „Сино-бели” на неговиот поранешен политички ривал, сега партнер, Бени Ганц.
Некои земји од ЕУ вршат притисок за поцврст став против Израел, а министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, повика на признавање на палестинската држава. Другите, сепак, повикуваат на внимателност и дијалог со Израел, кој важи за важен партнер на ЕУ на Блискиот Исток.