Најголемата канадска авио-компанија „ Ер Канада” планира на почетокот на јуни да отпушти најмалку 20.000 вработени поради ефектите од пандемијата на коронавирусот.
„Ер Канада”, во која има повеќе од 38.000 вработени, соопшти дека отпуштањата ќе влијаат врз повеќе од половината вработени, пренесуваат француските медиуми.
Оттаму додаваат дека Ковид-19 ја принуди компанијата за 95 отсто да го намали бројот на летови и затоа не очекуваат бизнисот наскоро да се врати во нормала.
Канадската авио-компанија соопшти дека работна сила ќе им се намали за 50 до 60 проценти, а мерката ќе стапи на сила на 7 јуни.
„Ер Канада” во март објави дека ќе отпушти речиси половина од своите вработени како дел од намалувањето на трошоците.
Во април беа вратени на работа 16.500 веќе отпуштени стјуардеси, механичари и агенти за услуги на клиентите, откако владата објави план за субвенционирање на платите, но не презеде обврска да ја задржи програмата по 6 јуни.