Околу 40 проценти од Американците не сакаат да купуваат производи од Кина, покажува анкетата направена во периодот 12-14 мај меѓу 1.012 Американци, на консултантската компанија „Еф-Ти-Ај“ од Вашингтон.
„Блумберг“ пренесува дека 22 проценти од анкетираните се изјасниле дека не сакаат да купуваат производи од Индија, 17 проценти од Мексико, а 12 проценти ги бојкотираат производите од Европа.
Според анкетата, 78 проценти изјавиле дека се подготвени да платат повеќе за производите доколку компанијата што ги произведува се наоѓа надвор од Кина. Околу 66 проценти, пак, рекле дека сакаат зголемување на ограничувањата во увозот, како подобар начин за зајакнување на американската економија.
По речиси две годишна „тарифна војна“, а сега и со појавата на коронавирусот кој потекна од Кина, според „Блумберг“, резултатите од ваквата анкета не се изненадувачки.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела излезе со остра реторика кога во интервју за „Фокс Бизнис“ рече дека САД може да ги прекинат врските со Кина во целост.
„Постојат многу работи што би можеле да ги направиме – би можеле да ја прекинеме целата врска“, рече Трамп на прашањето за намалување на бројот на американски визи за кинески студенти.