Во услови на криза, пред се во услови на здравствена криза, кога животот и здравјето на граѓаните се доведени во прашање, најмалку што се очекува од една опозиција е да биде конструктивна и да придонесува директно за зачувување на здравјето и животот на граѓаните, изјави премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање околу обвинувањата на опозицијата дека владините мерки претставуваат изборна корупција.
Тој потенцира дека е дозволено секој да има свое мислење и дозволено е секој да се однесува така како што мисли, па и во услови на здравствена криза во која што се загрозува здравјето на граѓаните.
– Дали овој пакет на мерки можеби претставувал наводна изборна корупција? Ќе одговорам многу едноставно. Овој пакет на мерки се носи како последица од здравствената криза со Ковид-19. Ние имавме избори закажани за 12 април кога немаше Ковид-19, кога немаше криза. Зошто тогаш не ги носевме мерките и да кажеме дека ќе донесеме вакви мерки и што ќе им дадеме на граѓаните. Ако се тргнува од некаква изборна логика, тогаш не е важно кога се одржуваат изборите, треба да се носат вакви мерки. Ние тргнуваме од тоа дека здравствената криза детерминира криза кај граѓаните, не можат самите себе да си помогнат, туку тоа треба да го прави државата и токму заради тоа сега и го правиме во овој момент како директна помош на граѓаните, на стопанството, зачувувањето на работните места, на работниците, односно помош на економијата, рече Спасовски.
Тој посочи дека ова е директна ингеренција и надалежност на Владата во креирањето на сопствени политики и носење на одлуки.