Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти вели дека за настаните во Куманово од мај 2015 година, кога загинаа осуммина македонски полицајци и десет припадници на таканаречената „кумановска група” која го предизвика крвавиот конфликт, треба да се спроведе сеопфатна независна меѓународна истрага, јави дописникот на МИА од Приштина.
Запрашан „дали е можно Косово да преговара за косовските граѓани кои се во затвор во Северна Македонија”, Курти во емисијата „ДПТ” на приштинската телевизија Т7, рече дека, според него, „тие луѓе немаат потреба од преговори меѓу двете влади, туку имаат потреба од еден истражен процес, кој ќе биде независен од самиот почеток”.
– Ние треба да разговараме со Владата на Северна Македонија, меѓутоа ние сме Влада во оставка, а и таму има техничка Влада. И таму и кај нас не очекуваат избори. За тој случај е потребна една таква независна истрага, за која и ние треба да го дадеме нашиот придонес, а посебно меѓународниот фактор, која ќе ја открие вистината и ќе воспостави правда, изјави Курти.
Тој изрази сомневање дека целиот настан, поради кој од македонскиот суд беа осудени 37 лица, повеќето од Косово, на казна од вкупно 746 години затвор, „бил наместен” и дека се работело за „стапица” во која упаднала групата Албанци.
Во тој контекст, Курти напомена дека настаните од пред пет години во кумановското „Диво насеље” се случија во време кога македонски премиер беше Никола Груевски, кој, како што нагласи, во тоа време „беше мошне близок” со властите во Србија.
– Тогаш (на власт) беше еден режим на Никола Груевски, кој беше мошне близок со Белград и има многу непознаници за тоа што се случи во Куманово. Се чини дека имаше една стапица и треба да се види кои беа сценаристите и режисерите на таа стапица, а не само актерите кои завршија на сцената која се урна. Во овој аспект јас сметам дека е потребна една независна меѓународна истрага, со тоа што ќе се направи и дистанцирање меѓу режимот на Груевски и актуелните власти во Северна Македонија, изјави Курти во синоќешното интервју за приштинската Т7.