Уредбата за изборите треба да се дополни само за роковите

Владата има донесено уредба со законска сила за роковите за одржување на изборите и нема потреба таа да биде менувана. Уредбата се покажа исправна и во правниот систем на Република Северна Македонија и Уставниот суд оцени дека е заснована на Уставот и на законот, изјави премиерот Оливер Спасовски.

– Таа уредба ги одложи изборните дејствија, ги замрзна роковите, затоа што во вонредна состојба тие се ставаат вон сила. Тука треба да го имаме предвид уставниот рок од 60 дена за одржување на парламентарните избори од денот на распуштање на Собранието. Ако нешто друго треба да се дополни во овој период, во смисла на рокови во рамките на тие 60 дена, тоа е веќе прашање на дополнување на уредбата. Но, ние имаме уредба и таа нема потреба да биде менувана, истакна Спасовски одговарајќи на прашања околу влидината Уредба за изборите на прес-конференцијата посветена на третиот сет економски мерки за ублажување на последиците од пандемијата.

На прашање дали на изборите ќе гласа и дијаспората, премиерот одговори дека патувањата надвор од државата се меѓу најголемите предизвици за секоја држава зашто се најголем ризик за ширење на инфекцијата.

Тој потсети дека поради заканата што ја носат патувањата била и одлуката на Владата за државен карантин за сите што се враќаат од која било земја од светот со цел да се заштити населението од ширење на КОВИД-19.

– За патувањата треба посебни протоколи. А дали ќе треба да се овозможи гласање на дијаспората, тоа е овозможено според Изборниот законик доколку се исполнат условите што стојат во него. Тоа е предвидено и во изборните дејствија и мислам дека е сосема јасно на кој начин ќе се одвиваат изборите – и овде и надвор од државата, рече Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави