Со враќање во училишните клупи на сите средношколци, со отворање на археолошките локалитети, меѓу кои и Акропол, со отворање на зоолошките градини, дозволено патување во континентална Грција и на Крит, но и со отворање на моловите и трговските центри, една недела порано од планираното, од денеска во Грција започнува третата фаза на олабавувањето на рестриктивните мерки и постепеното враќање во „новата нормалност”, јави дописничката на МИА од Атина.
На работа се враќаат 6.669 вработени и се отвораат 1.703 бизниси, а и во оваа фаза постојат посебни правила и прописи и мерки до кои треба да се придржуваат сите граѓани, без разлика дали се вработени, клиенти, ученици и сл.
Минатата седмица, во училишните клупи се вратија матурантите, а од денеска наставата започнува и за сите средношколци.
По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои работат грчките средни училишта.
Министерството за образование на Грција донесе одлука, за учениците кои од оправдани причини ќе останат дома да имаат можност директно, во живо да ги следат часовите и предавањата, нешто што наиде на реакции во земјата и обвинувања како од опозицијата, така и од дел од просветните работници кои протестираат во средата.
За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера, на социјалните мрежи сподели видео во кое на учениците им е објаснето кон кои мерки треба да се придржуваат додека се на училиште.
Под посебни мерки ќе работат и трговските центри и моловите во Грција, кои вратите за граѓаните ги отвораат една седмица порано, наместо на 25 мај како што првично беше планирано.
Во продавниците што се наоѓаат во моловите е задолжителна употребата на маска и од вработените и од муштериите, а за во останатите делови од моловите, односно за ходниците и останатите простории постои силна препорака за користење маска.
Бројот на муштерии ќе биде во зависност од големината на просторот, односно еден на 20 метри квадратни, а задолжително е одржување на потребното растојание.
Растојание од еден и пол метар ќе треба да одржуваат и посетителите на над 200-те археолошките локалитети во Грција, кои исто така од денеска ги отвораат вратите за посетителите.
Пред влезот на Акропол веќе се поставени потребните ознаки.
За посетителите постои препорака да носат заштитни маски и да имаат антисептички средства, ќе влегува само конкретен број лица на секој час, а ќе има и посебен процес за влез и излез на посетителите.
За зоолошките градини постои силна препорака да се носи маска и задолжително да се одржува растојание од два метри, додека пак забрането е одржување претстави и приредби за децата.
Посебни услови за патувањето со брод, автобус, воз или авион во Грција
Денеска се укинува уште една рестриктивна мерка за Грците, односно забраната за движење вон периферијата на постојано живеалиште, па така ќе биде дозволено патување низ земјата, но само во континенталниот дел и на островот Крит.
Според здравствените протоколи, употребата на маска е задолжителна за сите превозни средства, а возовите, меѓуградските, туристичките и приватните автобуси ќе возат со 50 отсто од нивниот капацитет, заклучно со 31 мај 2020 година, кога одново ќе се разгледаат епидемиолошките податоци.
Со половина од капацитетот и со посебни превентивни мерки ќе пловат и бродовите, а мерките се во сила до 15 јуни 2020 година.
Предвидено е на патниците да им се мери температурата и да пополнуваат специјален прашалник за здравствената состојба пред да се качат во брод; да постои по едно празно седиште меѓу патниците; во кабините дозволено е само едно лице, освен ако не станува збор за семејство; како и влегувањето и излегувањето да биде со одржување на потребното растојание, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на авионскиот сообраќај, не постои одлука за намален број патници, односно авионите ќе летаат полни и нема да има празно седиште меѓу патниците.
Веднаш по завршувањето на патувањето, ќе треба да се исчисти кабината на авионот пред повторно да полета.
Следниот понеделник се отвораат кафулињата и рестораните
Во четвртата и последна фаза за месец мај, следниот понеделник ќе се отворат кафулињата, рестораните, таверните, односно сите угостителски објекти во Грција и тоа една седмица порано од планираното.
Дозволениот број на гости ќе биде во зависност од големината на просторот, по едно лице на два метри квадратни, масите ќе бидат на растојание од 70 сантиметри до еден метар и 70 сантиметри во зависност од поставеноста на столиците, а на една маса ќе бидат дозволени најмногу шест лица.
Во сите четири фази, од 4 мај, заклучно со 25 мај 2020 година, како што јави дописничката на МИА од Атина, во Грција, на работа ќе се вратат 531.542 вработени, односно 77 отсто од оние кои поради рестриктивните мерки беа на принуден одмор, а ќе се отворат 65 проценти од затворените бизниси, односно 196.573
Во Грција, од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, регистрирани се вкупно 2.834 позитивни случаи на Ковид-19, а почина 163 лица.