Зголемениот број заразени во претходните денови во Србија не е индикатор за ширење на вирусот во земјата и во општата популација, туку во фабриката за мебел Додиќ во Врање, изјави заменик-директорот на Институтот за јавно здравје на Србија, д-р Дарија Кисиќ Тепавчиќ.
Таа додаде дека тоа покажува колку брзо може да се шири вирусот кога ќе влезе во колектив и дека повеќето пациенти во фабриката во Врање имаат благи симптоми или немаат никакви симптоми на болеста.
-Тоа ни ја покажува силината на вирусот и очигледно е дека инфекцијата сега ќе биде со поблаги форми на болеста, кажа Кисиќ.
Таа додаде дека е донесена одлука да се тестираат сите работници на фирмата „Додиќ” во Врање, и дека заклучно со вчерашниот ден се регистрирани 42 позитивни случаи на коронавирус кај вработените и 11 други лица кои биле во контакт со нив.
Таа истакна дека се очекуваат резултатите за сите 130 вработени.
Според епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ во Врање поради зголемувањето на бројот на нови пациенти, повторно е отворена „Ковид” болницата, која беше затворена кон крајот на април, а за време на викендот се регистрирани 52 нови пациенти, од кои повеќето се работници од фабриката за мебел.
Епидемиолошката состојба на југот на Србија е сè уште неизвесна, а ситуацијата во Врање, треба да ја предупредат цела Србија, оцени Тиодоровиќ.