Повеќе од 100 земји го поддржаа барањето на Австралија за независна истрага за потеклото на коронавирусот

Повеќе од 100 земји го поддржаа повикот на Австралија за независна истрага за потеклото на вирусот „Kовид-19“, изјави австралиската министерка за надворешни работи, Мариса Пејн.

Таа рече дека целта на истрагата е подобро да се подготви меѓународната заедница за борба против следната пандемија преку соработка.

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека иницијативата на таа земја да покрене истрага не е насочена кон обвинување на ниту една земја.

„Тоа е искрено прашање со искрена намера и искрен мотив“, рече Морисон, пренесува ТАСС.

Меѓу државите кои првично ја поддржаа австралиската иницијатива се сите земји од Европската Унија, Велика Британија, Русија, Канада, Индија, Индонезија, Јапонија и Нов Зеланд.

Сега им се придружуваат неколку африкански земји, така што вкупниот број се искачи на 116.

Резолуцијата се очекува да биде донесена денес на 73. Собрание на Светската здравствена организација, со која би се истакнала потребата за непристрасна, независна и сеопфатна проценка на меѓународниот одговор на пандемијата на коронавирусот координиран од СЗО.

Треба да знаете
Последни објави