Болниците во најголемиот бразилски град Сао Паоло би можеле за две недели да бидат преполни. Во тој случај здравствениот систем би можел да се урне поради зголемениот број на заболени од коронавирус, предупреди градоначалникот Бруно Ковас.
Тој рекол дека во моментот исполнети се 90 отсто од капацитетите во јавните болници, кои за две недели би можеле да останат без слободни места.
Сао Паоло е еден од најтешко погодени региони во земјата, со речиси 3.000 смртни случаи, пренесува Би-би-си.
Според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс, Бразил изби на четвртото место во светот по бројот на потврдени случаи, кој е над 240.000.
Медицинските експерти во Бразил предупредуваат дека вистинскиот број на заразени би можел да биде многу поголем, поради малиот број тестирања.
Претседателот Жаил Болсонаро се соочува со критики и во земјата и во странство поради начинот на кој ја раководи кризата. Тој од почетокот ја намалува сериозноста на вирусот и ги повика граѓаните да не ги почитуваат мерките за изолација, тврдејќи дека тие ќе и` штетат на економијата.