Во рамките на третата фаза на олабавувањето на мерките во Грција, сите средношколци утрово се вратија во училишните клупи, а меѓу археолошките локалитети што денеска се отворија во Грција, е и Акропол, па така грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово посети средно училиште, а претседателката на земјата Катерина Сакеларопулу го посети и го означи отворањето на Акропол, јави дописничката на МИА од Атина.
Со оглед на тоа дека денеска е светскиот ден на музеите, Сакеларопулу рече дека станува збор за симболична коинциденција, од една страна дигитално одбележување на денот, бидејќи музеите се уште не се отворени, а од друга страна слободен влез и прошетка во отворените за посета археолошки локалитети.
Грчкиот премиер пак ги посети средношколците во една атинска гимназија и им рече дека „сите, и учениците и професорите одлично го поминале тестот на одговорност”
-Посакуваме никогаш повторно да не биде потребно да ги затвориме училиштата, иако постои дискусија за вториот бран што можеби ќе дојде. Да, може да дојде, може и да не дојде. Во овој момент не знаеме. Едно е сигурно, што и да се случи, ќе бидеме многу подобро подготвени и здравствено ќе бидеме многу подобро подготвени, рече Мицотакис.
Денеска, вратите за граѓаните ги отворија и моловите и трговските центри, а на Грците им е дозволено да патуваат од периферија во периферија, како и на Евија и Крит, со исклучок на останатите острови.
Зголемен е сообраќајот на автопатите за излез од урбаните средини, а на патарината во близина на Атина, рано утрово имаше редици.
Паралелно, зголемено е движењето и на железничката и на меѓуградската автобуска станица во Атина.