Хрватска повторно не успеа да се зачлени во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), информира хрватскиот портал Индекс, наведувајќи дека наместо официјален Загреб, во оваа престижна меѓународна организација на 37 најразвиени земји е повикана Костарика.
Договорот со кој Костарика станува 38. членка ќе биде потпишан во следните неколку дена, со што, по пет години преговори, таа ќе стане четврта држава од Латинска Америка во ОЕЦД, по Мексико, Чиле и Колумбија.
Индекс посочува дека сега не е познато што се случува со хрватската пријава за ОЕЦД, со оглед на тоа што премиерот Андреј Пленковиќ членството во таа организација го наведе како еден од приоритетите на неговата Влада. Порталот потсетува на претходното вето на Словенија, која е членка на ОЕЦД, но наведува и дека одредени експерти често знаеле да ја критикуваат состојбата во хрватската економија.
„Во секој случај, Хрватска останува меѓу ретките членки на ЕУ кои сè уште не се приклучија на ОЕЦД. Меѓу нив се Романија и Бугарија, земји со кои сега традиционално се споредуваме на скалите на Евростат”, оценува хрватски Индекс.