Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, изјави дека третиот пакет мерки за справување со последиците од Ковид-19 ќе стимулира лична потрошувачка, но и ќе обезбеди поддршка на компаниите.
„Ако видиме дека личната потрошувачка исто така има големо влијание во економијата, утврдуваме дека парите на граѓаните, парите кои се вбризгуваат во семејствата, нивните приходи, дефинитивно влијаат за развојот на економијата. Важно е што дел од овие мерки од третиот сет одат и директно во компаниите и се наменети за нивна поддршка. Оние компании кои се занимаваат со туризам, најпогодените, како хотелите и рестораните, туристичките агенции, кај нив исто така вбризгуваме одредени средства кои треба овој сектор да го вратат во живот. Тоа е важно, затоа што овие компании од туристичко-угостителскиот сектор се навистина погодени, но не само во овој момент, во овие два месеци, туку ќе имаат и одложени последици, бидејќи нема да имаат можност да ги реализираат истите активности како што им беа планирани, со подинамично движење на граѓаните во туристичките дестинации“, посочи Царовска.
Вицепремиерката Царовска истакна дека мерките ќе се операционализират, ќе се стават во една законска рамка, односно ќе се дефинираат со уредби со законска сила, за да може континуирано да се имплементираат. Сите институции коишто се поврзани со дел од овие мерки, работат на уредбите, разработуваат концепти и јавноста ќе биде дополнително информирана за содржината на уредбите откако ќе ги усвои Владата.
„По завршување на поддршката која се овозможува со мерките од вториоте пакет, продолжува имплементацијата на мерките од третиот пакет. Мислам дека така ќе ги димензионираме сите мерки, за да нема преклопување, а да постои континуитет. Но кога ќе видите, кредитната линија за бескаматни кредити од 31 милион, таа би требало да почне некаде во септември-октомври месец, тоа значи да сегашната кредитна линија Ковид 2 заврши и да продолжи кредитната линија Ковид 3 на бескаматни кредити од Развојната банка. Другите мерки, кои се однесуваат на лична потрошувачка, инвестции во компании, исто така се димензионираат по вториот пакет, тука некаде да биде нивното отпочнување“, потенцира Царовска.