Веќе ги гледаме ефектите од економските мерки на Владата, повеќе од 120.000 работници досега ја искористиле мерката за 14.500 денари помош, преку 10.000 компании ја искористија можноста за одложување на аконтациите за данок на добивка, голем борј на луѓе кои се или невработени или останале без работа веќе се згрижени преку Агенцијата за вработување, посочи претседателот Зоран Заев во интервју за Канал 5 Телевизија.
Претседателот Заев додаде дека мерките се однесуваат на сите, а економијата е дополнително помогната со голема лепеза на мерки.
„Новиот, трет пакет на мерки е нешто што го бараше и опозицијата, да помогнеме сега, веднаш да вбризгаме пари. Ја креваме економијата, помагајќи на најсиромашните, сите невработени кои бараат работа и сите приматели на социјална помош добиваат платежна картичка тоа се 16 милиони евра за граѓаните. Понатаму, сите вработени и со приход под 15.000 денари добиваат ваучер за туризам плус 50 евра платежна картичка, пари да ги потрошат во нашата економија. За стопанството имаме во вредност од 200 милиони евра. Тоа покажува колку е силна нашата економија и е здрав Буџетот. 550 милиони евра или 5,5 отсто од БДП пуштаме назад кон граѓаните, кон економијата, посочи претседателот Заев, додавајќи дека сето тоа се прави за да се заживее, односно рестартира македонската економија.