Новиот министер за човекови права и бегалци на БиХ, Милош Лучиќ, на кој му биле потребни 12 години да заврши на приватен факултет, веднаш презел чекори за да ја пополни својата канцеларија, а за своја советничка именувал поранешна мисица, пренесува хрватски „Индекс“, повикувајќи се на локалните медиуми.
Марина Шевкушиќ, новата советничка на министерот Лучиќ, е позната по тоа што во 2016 година ја освоила титулата втора придружничка на натпреварувањето за Мис на планетата Земја за БиХ.
Шевкушиќ ги сподели овие информации со јавноста на социјалните мрежи, нагласувајќи дека има магистратура за меѓународни односи, односно дипломатија.
Како што пренесува „Индекс“, на интернет можно е да се пронајдат информации дека Шевкушиќ некогаш бил проект менаџер во Академија за обука „Future“, наменета за сите оние кои покажуваат афинитет кон модата.
Покрај ангажирање на поранешна придружничка на Мис на планетата Земја од БиХ, новиот министер Лучиќ за шеф на неговата канцеларија го назначил, Млаџен Божовиќ, кој всушност првично бил кандидат за истата министерска позиција.
Божовиќ не станал министер затоа што парламентарците од бошњачките партии одбиле да гласаат за него, инсистирајќи на тоа дека на местото министер за човекови права и бегалци треба да биде назначен експерт чии квалификации можат да гарантираат одговорно извршување на должноста.
Но, откако кандидатурата на Божовиќ пропаднала, негова алтернатива бил Лучиќ, кој покрај тоа што студирал повеќе од една деценија, средното училиште го завршил за пет наместо четири години затоа што морал да ја повтори третата година.