Базиликата „Свети Петар“ ги отвори вратите, симболизирајќи го враќањето на релативната нормалност во Италија, која со отворањето ресторани и кафулиња влезе во втората фаза на ослободување на мерките воведени за борба против пандемијата.
Италија беше првата земја што прогласи карантин пред два месеци заради ширењето на коронавирусот.
Земјата е сè уште трауматизирана, со 32.000 мртви и економија којашто е на колена, но од 4 мај почна да се чувствува зракот на слободата, кога беше прогласен „полукарантин“, со што беа ублажени мерките за ограничување на движењето до одреден степен и започнаа да функционираат некои делови од економијата.
Вчера во центарот на Рим, кој сè уште е празен од автомобили и туристи, имаше многу луѓе, шетачи, велосипедисти, тркачи. Со заштитни маски на лицето, тие се движеа околу Колосеумот, Трајановиот пазар и Римскиот форум, под будното око на карабиниерите кои внимаваа да не се собираат граѓаните во преголеми групи.