Професорот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески вечерва гостуваше во „Топ Тема“ на телевизија Телма каде што истакна дека главната цел на владините мерки за жал не е поддршка на економијата.
Славески посочи дека Владата настапува триумфалистички кога станува збор за државната помош за стопанството, а се трошат пари на граѓаните, пари кои за жал нашата држава во моментот ги нема. Ваквото однесување на Владата е резултат на тоа што на државата и претстојат предвремени парламентарни избори и наместо да му се помогне на стопанството се води политика.
„Не знам дали на крај ќе имаме средства, сили за поддршка на оние извозни компании кои што треба да ја повлечат македонската економија. Имено дури и самиот наратив, самиот настап на промоторите на овие сега мерки би требало да биде малку поскромен. Знаете зошто би требало да биде поскромен? Прво затоа што трошиме пари на граѓаните на Република Македонија и второ трошиме пари кои што во моментов ги немаме. Видете некако се настапува триумфалистички, ние сме тие кои што ќе ги помагаме македонските граѓани, различни структури итн. тоа е обврска на Владата, тоа го прават и други земји. Во таа смисла мислам да нема таков наратив и настап кој што не може да се одлепи од тоа дека престојат избори во Република Македонија. И токму заради тоа адресирањето на овие структури, ранливи групи, нискодоходни групи упатува на тоа дека главната цел не е за жал поддршка на економијата“, истакна Славески.
„Гледаме дека и претседателот на СДСМ пред сите ги најавува мерките па ги објаснува и дообјаснува, итн. Ова треба да се сфати само како едно предизборно ветување. Внимавајте, партиите ветуваат пред изборите, некои се трудат повеќе, некои помалку ветувањата да бидат реални за да можат да ги исполнат. Ќе видиме сето ова како ќе заврши, да беше намерата на најлесен начин на граѓаните да им се помогне, тоа веќе ќе беше направено. Ако имавте доволно средства во буџетот сега веќе граѓаните кои сакате да ги помогнете ќе ги имаа на своите трансакциски сметки парите. Како што тоа се прави во другите земји. Не сум слушнал дека сега се предвидуваат некои платежни картички за кои ќе треба да се воспоставува нов систем, да се издаваат. Ова по моја проценка без разлика кога ќе бидат изборите, за целата оваа работа се потребни месеци“ појасни Славески.