Вкупниот број на активни случаи на заразени со Ковид-19 во земјава изнесува 412, откако вчера беа регистрирани 25 нови случаи. Со тоа вкупната бројка на дијагностицирани случаи од почетокот на пандемијата изнесува 1.817 лица, бројката на оздравени пациенти е 1.301, а починати се 104 лица.
Во изминатите 24 часа направени биле 286 тестови и тоа преку: ИЈЗ –165, Клиника „Жан Митрев” –3, Систина со PCR метода -18 и МАНУ -100. Со тоа досега во земјата се направени вкупно 21.722 тестирања на Ковид -19.
Од вкупниот број на направени тестови во изминатото деноноќие 124 теста се направени во рамките на скринингот во градинките и сите се негативни.
Олабавувањето и нормализирањето на состојбата ќе зависи од развојот на ширење на инфекцијата. Натамошниот тек на рестриктивните мерки беше тема на вчерашниот состанок на главниот кризен штаб.
Одлуките како и досега ќе се носат врз основа на мислењата на стручните луѓе односно епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.
Награда од 20 проценти од основната плата за два месеца ќе добијат сите здравствени работници од сите нивоа и институции кои работеа со пациенти со Ковид-19. Министерството за здравство најави дека во следните денови ќе направи темелна анализа кои здравствени работници и институции ќе бидат опфатени со мерката за финансиска поддршка.
Од Министерството за здравство, информираат дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни хоспитализирани се вкупно 48 пациенти. Во ГОБ „8 Септември” има 20 пациенти, во болницата во Битола седум пациенти, а во болницата во Штип четворица пациенти. На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Охрид и Прилеп се хоспитализирани 47 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.