Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, утре попладне ќе го соопшти владиниот план за туризмот и економијата, а веднаш потоа, надлежните министри ќе ги објаснат деталите, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите истакна дека подготвуваат кохерентен план за рестартирање на туризмот, во кој ќе бидат вклучени сите аспекти и здравствените и во однос на патувањето, но и економските, рече дека постојат разговори за билатералните договори со други земји и уште еднаш повтори дека летово нема да биде како ланското и не треба да се прави споредба.
Туризмот ќе биде една од главните теми на денешната квадрилатерална средба, преку видеоконференција, на премиерите на Грција, Бугарија, Романија и претседателот на Србија, на која ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи и за здравство на четирите земји.
Додека пак, два часа порано ќе се одржи и министерска видеоконференција, на иницијатива на шефовите на македонската и грчката дипломатија за координација и унапредување на соработката на Министерствата за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ од регионот, а ќе стане збор за тековната и идна соработка во врска со можните начини за регулирање на прекуграничните патувања, транспортот и туризмот, исполнувајќи ги потребните медицински критериуми, како и за заемната поддршка на економиите на земјите.