Трамп ѝ даде на Светската здравствена организација 30 дена да воведе големи суштински подобрувања или да се соочи со траен прекин во финансирањето и евентуално повлекување на САД. Ултиматумот дојде во отворено писмо, во кое Трамп ја обвини СЗО дека се приклонува кон Кина за нејзиниот одговор на избувнувањето на Ковид-19.
Пекинг го нарече потегот на САД обид за клевета.
„Писмото е полно со фрази со предлози, што би било кога би било, и се обидува да ја доведе во заблуда јавноста и да ја оцрни и наклевети Кина во напорите за спречување на коронавирусот“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лијан.
Врвни функционери во администрацијата на Трамп ја поддржуваат теоријата дека пандемијата на коронавирусот почнала како „истекување“ од лабораторијата за вирологија во Вухан, градот во кој првпат е откриен вирусот. Иако државниот секретар, Мајк Помпео, рече дека има изобилство докази за да се поддржи тврдењето, јавноста сè уште не видела директен доказ.
Вашингтон исто така тврди дека Пекинг намерно не ја пријавил сериозноста на инфекцијата и дека и СЗО ја прикрила во корист на Кина дозволувајќи му на вирусот да се шири во целиот свет.
Кризата предизвикана од Ковид-19 најштешко ги погоди САД, каде што бројот на починати се искачи на повеќе од 90.000 оваа недела.